Мени

Заболувања на синусите кај децата

sinuses_pain

“Целиот свет не вреди, колку една единствена детска солза” – Достоевски

Нарушувањето на здравјето кај децата остава трага на целиот понатамошен живот на човекот. Поради тоа грижата за здравјето и лекувањето на детето воедно е и превенција на инвалидноста кај возрасните.

Значајно место во заболувањата на горниот респираторен тракт заземаат и воспаленијата на параназалните синуси кај децата кои се разликуваат од истите кај возрасните. Причината е јасна. Синусите кај новороденото не се целосно развиени. Имено при самото раѓање само делумно се развиени ќелиите на ситастата коска (етмоидален синус) и виличните (максиларни) синуси, ќелиите на клинастата коска (сфеноидалниот синус) после четвртата односно петтата година од животот, а челните (фронтални) синуси се развиваат после 10-12 година, за да конечната големина ја достигнат околу 20 годишната возраст.

Со самото тоа дека се развиваат од носната шуплина и дека лигавицата која ги прекрива е продолжеток на лигавицата на носната шуплина, секое акутно воспаление на носната лигавица во помала или поголема мерка преминува во акутно воспаление на слузницата на синусите.

Важни моменти кои ја зголемуваат можноста за воспаление на синусите се:

  • пореметување на имунолошкиот систем
  • несоодветна исхрана
  • заразни заболувања
  • вирусни инфекции
  • искривување на носната преграда
  • алергии и др.

Инфекцијата на синусите може да биде ограничена на еден синус,на повеќе синуси или на сите синуси.
Најчести симптоми при воспаление на синусите се:

  • oпструкција на носот
  • секреција од различен тип
  • непријатен мирис од носот
  • крварење од носот
  • главоболка
  • пореметување на мирисот
  • пореметување на говорот
  • покачена температура
  • пореметена исхрана
  • кашлица и др.

Дијагнозата се поставува на основа на добро земени податоци за текот на болеста, локалниот наод и секако со помош на дијагностички методи. Кај децата е индицирано да се направи ехо синусоскопија затоа што таа метода има далеку повеќе предности над рентгенското снимање на синусите кај децата. Ехо синусоскопијата полесно се изведува, може почесто да се повторува и секако нема податоци за штетноста за разлика од радиолошкото иследување.

Терапијата зависи од тоа кој од синусите е заболен и степенот на заболување. Секако е потребно да се направи брис од носот со антибиограм пред да се започне со антибиотската терапија, потребна е употреба на деконгестиви (капки за нос), се препорачува Прецовата метода за аспирација на секретот, како и инхалациона терапија. Кај децата не се препорачува пункција на синусите.

Секако дека треба да се има на мисла дека некоректното лекување на акутното воспаление на синусите е основната причина за настанување на хронично воспаление со сите свои последици и секако компликации.