Мени

Правилна примена на антибиотици кај детската популација

The child doesn't want to accept a medicine

Постојат многу откритија кои влијаеле на развојот на медицината, а секако со тоа и на опстанокот на човештвото. Едно од тие откритија секако дека е и откривањето на антибиотиците.

Во последните години како последица на некоректната и неконтролирана употреба на антибиотиците се бележи брз пораст на резистенцијата на бактериите спрема одредени антибиотици. Со цел спречување на понатамошен пораст на резистенцијата на бактериите кон антибиотиците потребно е што порационално препишување на истите. Во непознавањето на фармакокинетиката (која ја проучува ресорпцијата, дистрибуцијата, метаболизмот и излачувањето на лекот), како и фармакодинамиката (која го проучува механизмот на делување на лекот на организмот лежи основната причина за грешките кои настануваат при апликација на лекот како и се поголемиот пораст на резистенција на бактериите спрема антибиотиците. Затоа е потребно добро познавање на специфичноста на детскиот организам и карактеристиките на одредените заболувања кај децата.

За рационалност кон употребата на антибиотиците треба да не води и фактот дека голем процент од инфекциите на горниот респираторен тракт се од вирусно потекло, а кон повеќето од нив децата поседуваат голема склоност кон самоизлекување.

Земајќи во предвид дека во педијатриската пракса не е така лесно со клинички преглед да се донесе одлука дали се работи за вирусна, бактериска или друг тип на инфекција, потребно е да се придржуваме кон одредени параметри при поставувањето на дијагнозата:

  • добро земена анамнеза (податоци за текот на болеста дадени од родителите)
  • хематолошки иследувања: комплетна крвна слика, диференцијална крвна слика, одредување на ниво на Ц- рективен протеин
  • микробиолошко иследување (брис од нос и грло со антибиограм). За брза диференцијална дијагноза на стрептококи од вирусни ангини секако ќе ни користи и тестот за одредување на групен антиген на стрептокок А.
  • лабораториско иследување на мокрачата

Ако со помош на горенаведените иследувања се докаже дека предизвикувачот е бактериски агенс (докажан со сигурност), тогаш важен чекор понатаму е конкретно да се утврди за која бактерија се работи за да би можело на основа на изработениот антибиограм да се одлучиме за терапијата. Секако мора да се земе во предвид возраста на детето, телесната маса за покоректно одредување на дозата на користење.

Познавањето на локалната резистенција на бактериите, потпомага одбирање на делотворен антибиотик.

При одбирањето на антибиотската терапија треба да се внимава на: антибактерискиот спектар, фармакокинетските својства, да биде со добра подносливост, фармацеутскиот облик – за помалата возраст, лекот мора да биде во облик на суспензија со пријатен мирис и вкус.

Перцепцијата на вкусот се смета за најважен фактор кој ја поттикнува соработката или комплијансата на детето во лекувањето.

Лекувањето на децата со антибиотици при присутна вирусна инфекција со цел спречување на бактериска суперинфекција НЕМА СМИСЛА.

Заклучок:
Потврдено е дека неоправданата употреба на антибиотици води кон развој на резистенција на бактериите.