Мени

Параназални синуси (10 прашања – 10 одговори)

paranasal_sinuses

1. Што претставуваат синусите?

Синусите претставуваат воздушни простори во некои коски на лицето и истите, преку своите канали – отвори, се во тесна врска со носната шуплина, поради што создаваат една анатомска и функционална единица.

2. Каде се наоѓаат и колку ги има?

Има четири парни воздушни шуплини и истите се сместени во горниот дел на вилицата, челната коска, ситастата коска и телото на клинастата коска.

3. Која е функцијата на синусите?

Функцијата на синусите не е докрај докажана, иако постојат многу теории за коишто се уште има спротиставени мислења. Меѓу најчесто споменуваните се респираторната и заштитната функција, како ресонатор на гласот и пнеуматизација на одделни коски.

4. Зошто се воспалуваат синусите и по кој пат?

До воспаление доаѓа ако од која било причина се јави нарушување на функцијата на носната лигавица со нарушување на вентилацијата на синусните шуплини. Инфекцијата најчесто е последица на инфекции на носот, на забите на горната вилица при виличниот синус, на повреди и др.

5. Кои фактори влијаат за воспаление на синусите?

Од локалните се: нарушување на носното дишење поради оток на носната лигавица со затворање на синусните отвори коишто најчесто се од воспалителна природа, а може да биде и поради полипи во носот, искривена носна преграда и поретко поради туморозни творби. Секако дека и настинките, заморот, слабата исхрана и надворешните климатски услови влијаат на воспаление на синусите како општи фактори.

6. Кога чувствуваме дека синусите се воспалени?

Воспалението на синусите е проследено со општи симптоми: зголемена телесна температура, утрински главоболки, намалена енергија, намалена концентрација, како и болка над самите синуси, потешкотии со дишењето на нос, секреција од носот и слевање на секрет во грлото со кашлица и искашлување, намалено чувство за мирис, а поретко и крварење од носот.

7. Како да се дојде до точна дијагноза?

За побрзо и поточно дијагностицирање на синусното воспаление ни помагаат добро земените податоци за почетокот и за текот на воспалението и симптомите, коректна инспекција, палпација, како и извршениот локален преглед, надополнети со микробиолошки и со радиографски иследувања или со извршена синусоскопија како најдобар избор.

8. Што е синусоскопија?

Синусоскопијата преставува интервенција со која со помош на ендоскопи добиваме целосна прегледност на синусната шуплина со можност за земање брис од самата шуплина, материјал за испитување на лигавицата, а секако и пласман на синус катетер низ кој секојдневно се врши испирање на синусот и пласман на лекови за побрзо заздравување и побрзо враќање на војникот во својата единица и тоа оспособен за извршување на своите задачи.

9. Како се лекуваат синусните заболувања?

Примарно е редовно, коректно и дисциплинирано земање на антибиотици препишани од доктор, капки за нос (но не да се претера), лекови за намалување на отокот, лекови за намалување на болката, а секако е можно и локално загревање на заболените места со мирување и со зголемена исхрана и витаминска терапија.

10. Имам главоболка, дали имам синуси?

Да, синуси имаш, но истите не мора да се воспалени, бидејќи секоја главоболка не значи и воспаление на синусите.

* Дали сте знаеле дека:

- Површината на носната лигавица е од 140-170 мм квадратни;
- Брзината на движењето на слузта во носот е неколку милиметри на час и се зголемува во задните 2/3 на носната шуплина;
- Најголемата висина на носната шуплина е во средишниот дел и изнесува 45 мм, а најголемата должина по подот на носната шуплина е околу 70-75 мм;
- Во долниот носен ходник се отвора носно – солзниот канал;
- Најчести димензии на фронталниот – челен синус се: висина 20-25 мм, ширина 25-30 мм, длабочина 10-15 мм;
- Должината на коскениот носно – челен канал е од 1-20 мм, а најчесто 4-6 мм и ширина 2-3 мм;
- максиларниот – виличен синус е најголем со околу: висина 33 мм, ширина 23 мм, длабочина 34 мм.