Мени

Масажа за вашето бебе – допир на мајката исполнет со љубов

Intro_Baby_Massage

Најважната цел на масажата за бебиња е тоа што истата ја применуваат родителите (старателите), а не инструкторот. Масажата на бебе е техника стара повеќе од 1000 години – обичај на културите на многу народи, особено во деловите на Русија, Кина и Индија. Денес можеме слободно да се пофалиме со фактот дека позитивните ефекти од масажата на бебиња од аспект на нивниот раст и развој се потврдени со голем број клинички испитувања и позитивни медицински извештаи и прегледи направени токму на деца.

Дали и зошто масажа за вашето бебе?

Масажата на бебиња претставува одличен начин за воспоставување родителска врска уште додека бебето е во својата прва година. Техниката ја зацрвствува ваквата врска и овозможува здрава терапија која позитивно влијае на растот и развојот на бебето. Најпрво треба да напомене дека масажата на Вашето бебе пред сè претставува една емотивна поврзаност која креира позитивна енергија и љубов која на долгорочен план владее помеѓу родителите и бебињата.

Денес, во време кога стресот за жал е секојдневие на сите поединци во заедницата, особено е важно истиот да не се пренесе на најмалите, односно на бебињата. За жал, преносот на стрес и негативна енергија многу често е тешко да се спречи, а последиците излегуваат на виделина во текот на растот и развојот на бебињата. Затоа од особено важно значење е да се посветите на вашето бебе и преку масажи да овозможите заеднички да ги уживате бенефитите кои ги нуди оваа техника и кои позитивно влијаат на растот и развојот на бебето.

Кога да се почне со масажата на бебиња?

Одговорот на ова прашање е многу едноставен – веднаш по раѓањето на вашето бебе. Доколку веднаш започнете со масажа, ќе овозможите побрзо прилагодување на бебето кон неа. Масажата не завршува со навршување на првата година, таа продолжува и во понатамошниот раст и развој, но со малку поинаков пристап и анимација на детето (во согласност со возраста и развојот). Затоа не двоумете се, туку веднаш започнете да ја применувате масажата за бебиња.