Едно од почестите заболувања во нашето секојдневие е заболувањето на крајниците (тонсили). Поради тоа честопати и тема на објаснување за тоа дали треба и кога треба да се оперираат, т.е како и на кој начин да се лекуваат воспаленијата на крајниците.
Говориме дека крајниците преставуваат “бедем – прва одбранбена линија” на организмот или пак “влезна врата” за инфекции т.е. здравите крајници го штитат, додека заболените крајници претставуваат опасност за организмот.
1. Што претставуваат крајниците – тонсили?
Крајниците преставуваат лимфно – епително ткиво сместено во грлото и претставуваат еден дел од внатрешниот лимфатичен прстен.
2. Колку крајници имаме и кои од нив најчесто страдаат?
Постојат шест крајника (непчани, тубални, фарингеален и јазичен). Најчесто во детската возраст страда фарингеалниот крајник или познат како “трет крајник”, а кај возрасните непчаните палатинални крајници.
3. Каква функција имаат крајниците во организмот?
Крајниците, како и останатото лимфно – епително ткиво кое се наоѓа во лигавицата на грлото, припаѓаат на внатрешниот лимфатичен прстен и учестуваат во одбраната на организмот од инфекции.
4. Кога доаѓа до воспаление на крајниците?
До воспаление ќе дојде кога заштитниот механизам на грлото и крајниците не се во состојба да ги совладаат силно вирулентните микроорганизми. Секако дека падот на одбранбената сила на организмот поради неповолните надворешни услови: студ, влага, замор, неисхранетост, стрес и др. можат да допринесат за полесно заболување на крајниците.
5. Кој се најчестите симптоми при заболување на крајниците?
Воспалението на крајниците најчесто е пратено со: отекување на жлездите на вратот, покачена телесна температура, болки во грлото, отежнато голтање, општа телесна слабост, болки во ушите, непријатен мирис од устата и др.
6. Што е ангина?
Ангина (стеснување, стегање, гушење) претставува акутна состојба кај која покрај воспаление на крајниците имаме и воспаление на грлото и лимфното ткиво кое е во склоп на лимфатичниот прстен. Спрема локалниот наод можеме да говориме за следниве типови на ангини: катарална, лакунарна, фоликуларна и ангина конфлуенс.
7. Кој се најчестите предизвикувачи на воспаленија на крајниците?
Најчести причинители се: бактериските инфекции како и различните видови на вируси. Мора да напоменеме дека воспаленијата на крајниците можат да бидат во склоп на други болести како на пример при леукемии, уремии, сепси и некои други системски заболувања.
8. Како се лекуваат воспаленијата на крајниците?
Лекувањето е со антибиотици (ако нема контраиндикации, лек на избор се пеницилински препарати или пак антибиотик одреден спрема антибиограм после земање на брис од крајникот) препишани од страна на доктор, лекарства против темепратура и болки, витамини, високо калорична исхрана, мирување, доста течности, а исклучително ретко е оперативното решавање при јаки воспаленија на крајниците.
9. Дали мора да се оперира “третиот крајник”?
Се оперира ако доведува до потешкотии со дишењето на нос, намалување на слухот и ако е можно жариште на инфекција. Аденоидната вегетација (“трет крајник”) се оперира најчесто во детската возраст, а поретко кај возрасните од причина што истиот во принцип атрофира до 25 – тата година од животот.
10. Имам болки во грлото, ме болат крајниците и дојдов да се оперирам!!!?
Да се оперираш сам неможеш. Одлука за операција се поставува на основа на добро земени податоци за текот на болеста, извршен преглед, направени лабораториски и микробиолошки иследувања како и извршени консултативни прегледи, а секако на основа на воспоставените апсолутни и релативни индикации за операција на крајниците.