Мени

Како да го научам моето дете само да се храни?

baby_eating

Возраста кога детето ќе почне само да се храни многу зависи од правилниот став на родителите во однос на ова прашање. Крајност, а воедно и недостаток е ако претерано грижливи родители продолжуваат да го хранат своето дете и по втората, третата, како и во четвртата година. Со ова всушност е направена лоша услуга на детето кое создава инертност кон оброците како и навика некој друг да го храни. Таквото дете едноставно нема желба само да јаде дури и во термините кога нормално треба да внесе оброк.

Поголем број деца покажуваат интерес сами да го држат приборот на крајот од првата година. Првите обиди детето само да се храни се невешти, пропратени со истурање на храната по масата и облеката. Потребни се недели и недели за едно дете да почне вешто да ја држи лажицата во рака, успешно да ја дофати храната со неа и при тоа истата да не се преврти на пат од чинијата до устата. Ако во почетните обиди за самостојно земање на храна детето не успева и по неколкуте неуспешни обиди почне да ја истура и превртува храната, тогаш треба да му се тргне чинијата, а на поголем послужавник да му се остават неколку парченца храна за да може со нив да продолжи да експериментира. Секако дека првите неуспешни обиди не треба да бидат пратени со бурни и непријатни реакции од околината, туку напротив детето да продолжи да се охрабрува и бодри се до конечниот успех.

Напомена: Родителите треба да навикнат со нередот на масата и флеките на облеката.

Двегодишно дете мора да почне само да се храни што побрзо. Оброците треба да бидат подготвени свежи секој ден, добро избалансирани и разновидни. Храната се остава во чинија (шарена, детска), пред детето, а за тоа време родителот оди во другата просторија на минута – две како да има причина. Оставањето на детето да биде само со оброкот секој ден треба да биде подолго. Ако тоа успеало само да изеде во почеток 1/3, а потоа 1/2 од оброкот без ничија помош е голем напредок. Остатокот од оброкот го додава родителот, притоа храбрејки го своето дете за направениот подвиг. Всушност ништо не пречи ако не се изеде целиот оброк наеднаш. Со тек на време, гладта на детето е поизразена, како и неговата самодоверба дека може само да јаде, со што автоматски и количината на изедениот оброк ќе биде и поголема.

Правило 1 – Едно дете кое научило само да се храни, да се избегнува повторно да се храни од страна на родителите.

Правило 2 - Не го “подмитувајте” своето дете за да јаде (пр. со нова играчка за секој проголтан залак, да гледа телевизија додека јаде, или да јаде надвор од домот, во двор, на улица и сл.).

Сосема друг случај е кога дете со навршена една година сеуште јаде пасирана храна. Тоа дете е нудено на сила да јаде количински храна која не може да ја изеде во нормални околности. Најчето тука родителите мешаат по 2 – 3 вида на зеленчук, па додаваат месо, жолчка (за да биде покалорично). Со оваа пасирана храна всушност се прави лоша услуга на сопственото дете, во смисол на нераспознавање на одделни видови намирници, нераспознавање на вкус на одделни видови храна и воедно неможност за јадење на сецкана храна и до 3 години. Ваквите деца просто се гушат или пак добиваат нагони за повраќање кога наеднаш им се нуди сецкана храна. Потребно е подолго време ова дете да ја добие довербата во храната.

Заклучок:
Секое дете си е индивидуа сама за себе. Немаат сите деца ист апетит. Секогаш трудете се да му дадете на своето дете онолку храна колку што може да изеде, па некогаш дури и помалку од предвиденото, но никако премногу. Натрупана чинија со храна може само да го намали апетитот.